„Ил Матино“: Претставник на Наполи замина за Истанбул да го донесе Елмас во Неапол!

Секој момент се очекува официјализација на најскапиот македонски фудбалер во историјата, откако Елиф Елмас ќе направи трансфер вреден 18 милиони евра плус бонуси од Фенербахче во Неапол, предмалку објави весникот „Ил Матино“.

Според последните информации, претставник на спортскиот директор на наполитанците, Џуинтоли заминат е за Истанбул каде што треба да ги заврши сите формалности и да се официјализира трансферот. Италијанците од утрово најавуваат дека најмногу за 48 часа се очекува да се реализира трансферот и Елмас да дојде во Неапол на лекарски прегледи и да го потпише договорот.

Наполи и Фенербахче конечно се договориле за отштетата од 18 милиони евра, плус бонуси во зависност од настапите и успесите на клубот со Елмас во своите редови. Македонскиот репрезентативец, пак, ќе добие 1,5 милиони евра годишна плата и ќе потпише петгодишен договор.

Весникот потенцира дека до среда Елмас и официјално ќе стане фудбалер на Наполи, зашто дотогаш Хрватот Марко Рог ќе замине во Ајнтрахт Франкфурт и практично во ист ден ќе биде завршена трансфер-сагата.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев синоќа за италијанските медиуми изјави дека Наполи е идеален тим за Елмас и дека голем „бизнис“ ќе направи Наполи со ангажманот на младиот макеоднски репрезентативец, кој важи за еден од најголемите таленти во Европа.