Иднината на Серија А: Елмас меѓу најголемите таленти кои треба да го вратат сјајот на Калчото!

Италијанското Калчо одамна го загуби својот сјај како водечко првенство во Европа, лига во која секогаш доаѓале најдобрите фудбалери, па во последната деценија италијанските новинари честопати потенцираат дека моментно Серија А е „лига на пензионери“, но... Низа суперталентирани играчи до 20 години се најава дека на Чизмата во иднина полека ќе се врати сјајот, па медиумите посочија од кои се очекува да го вратат италијанскиот фудбал во врвот – меѓу нив е и македонскиот бисер Елиф Елмас.

Италијанските новинари избраа играчи, кои веќе имаат забележителна улога во Серија А, а се родени во 1999 година и на почетокот на новиот милениум (2000, 2001, 2002), па добрите настапи влеваат надеж дека во следната деценија, кога фудбалски ќе созреат, баш тие ќе бидат предводниците на Калчото во неговото враќање на старите патеки.

Во групата на 13 суперталентирани играчи има место и за Елмас, покрај Николо Заниоло (Рома), Сандро Тонали (Бреша), кои се потенцирани како најголемите италијански таленти, потоа Дејан Кулушевски, Македонецот кој ја избра Шведска и игра за Парма, а од лето ќе биде дел од Јувентус, потоа фантастичниот српски голгетер на Фиорентина, Душан Влаховиќ, како и Амрабат (Верона), Џереми Бога (Сасуоло), Рафаел Леао (Милан), Себастијано Еспозито (Интер), Пинамонти (Џенова), Алесио Каргањо (Калјари), Муса Бароу (Болоња) и Амад Траоре (Аталанта).

„Наполи го има Елиф Елмас, фантастичен со топка, силен, кој сè почесто добива пофалби за својата зрела игра на така млада возраст“, стои во објаснувањето за Елмас.

Елмас летоска дојде во Наполи за 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче, каде мина две години откако во летото 2017 замина од скопски Работнички во истанбулскиот гигант. Елмас е најголемиот македонски талент, од кого се очекува извонредна кариера и на клупско ниво, ама и во репрезентацијата.