Хаотично е во Сити: Фудбалерите се „фаќаат за врат“ - секој со секого е на нож!

Екипата на Манчестер Сити минува низ најтешкиот период откако Пеп Гвардиола го презеде тимот, откако во ноември не забележа ниту една победа, а серијата неуспеси продолжи и во Лигата на шампионите.

Тимот има пет последователни порази во сите натпреварувања, а последниот удар беше ремито против Фејенорд, иако водеа со три гола предност. Во мечот од петтото коло на најсилното европско натпреварување, „граѓаните“ до 75. минута имаа сигурна победа, но станаа првиот тим во историјата на ова натпреварување што не успеал да победи по водство од три гола. Според „Дејли мејл“, овој дебакл предизвикал големи тензии во соблекувалната на Сити.

Еден од фудбалерите наводно изјавил дека е „во неверување“ по катастрофалниот резултат, додека друг го опишал како „лудило“. Дел од играчите во знак на револт фрлале предмети во соблекувалната, а кризата дополнително ги нарушила односите помеѓу некои членови на тимот, кои почнале да се „фаќаат за врат“.

И покрај тоа што Манчестер Сити под водство на Гвардиола често покажуваше способност да се врати од кризни моменти, сегашната ситуација е без преседан. За дополнителен притисок, тимот денеска го очекува големото дерби против Ливерпул, кој оваа сезона има само еден пораз во сите натпреварувања. Натпреварот ќе се одигра на „Енфилд“ во рамки на 13. коло од Премиер лигата, со почеток во 17:00 часот.