Хаос во соблекувалната на Реал по поразот од Селта – летале шишиња, завои, столчиња

Реал Мадрид викендов претрпе неочекуван пораз на „Сантијаго Бернабеу“ и тоа од Селта Виго (0-2), а по мечот избувнала „војна“ во соблекувалната на „кралскиот клуб“, пренесуваат шпанските медиуми.

Според информациите, во просторијата летале предмети – шишиња, ролни со завои и друг помошен материјал, па дури и столчиња - бидејќи дел од фудбалерите жестоко негодувале на судењето. Атмосферата била наелектризирана - едни играчи биле бесни поради одлуките на арбитрите, додека други биле фрустрирани од меѓусебните критики упатени кон судиите.

Тренерот Чаби Алонсо воопшто не присуствувал на хаосот, кој не влегол во соблекувалната по натпреварот и немал директен контакт со фудбалерите.

На првиот тренинг по поразот, Алонсо им се обратил на фудбалерите со јасна порака за обединување.

„Сите сме заедно во ова и свесни сме дека поразите се дел од фудбалот. Мора да гледаме напред. Знаеме колку се високи очекувањата и колку е тешко да се прифати ваков резултат, но мора да продолжиме понатаму. Ова е наша заедничка одговорност и мора да останеме обединети ако сакаме да ги оствариме поставените цели“, истакнал стратегот.

ФОТО: EPA PHOTO