Гвардиола со 50 милиони евра оди на „шопинг“ во Милано

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола пронајде идеално засилување за средниот ред во екипата на Милан.

Шпанскиот стратег инсистира да го доведе на „Етихад“, Исмаел Бенасер, кој импресионираше во својата прва сезона во дресот на „црвено-црните“. Алжирецот минатата сезона играше за Емполи и многу малку луѓе знаеја за него.

Блесна на Купот на Африкански нации, кога со својот Алжир дојде до трофејот минатото лето, а тој воедно беше прогласен за најдобар играч на турнирот. Среќа за Милан беше што успеа да го договори неговиот трансфер за 14 милиони евра непосредно пред почетокот на Африканскиот Куп на нации.

Иако имаше малку проблем да се адаптира на „Сан Сиро“, по одреден период се наметна како лидер на средниот ред и воедно како еден од најдобрите играчи во тимот. Сега Гвардиола сака да ја плати неговата откупна клаузула од 50 милиони евра и да го доведе како замена за Давид Силва иако Бенасер е нешто подефанзивен играч.

Интерес за Алжирецот има и од ПСЖ, па доколку некој клуб ја плати откупната клаузула, последниот збор ќе го има Бенасер, дали ќе сака да си замине од Милан или не.