Гвардиола го испофали, а тој му возврати: Си заминувам од Сити!

Еден од најголемите англиски фудбалски таленти, Фил Фоден, донесе неочекувана одлука со тоа што реши да го напушти Манчестер Сити.

Предводникот на Сити, Пеп Гвардиола, има големи надежи за англискиот интернационалец кој важи за вонсериски талент, но Фоден нема трпеливост, па затоа сака да го напушти „Итихад“.

Некои го советуваат да остане затоа што го гледаат како замена на Давид Силва, но тој не може да издржи дека одигра само 11 минути во Премиер лигата оваа сезона.

Фоден (19), наводно, побарал од челниците на Сити трансфер уште во зимскиот преоден рок, иако Гвардиола смета дека овој играч е некој околу кого може да се гради идниот успех на тимот.

Поранешниот играч од средниот ред на Ливерпул, Дени Марфи, го советува да остане во Манчестер Сити и да му верува на Гвадиола.

Фоден е посебен, во неговиот случај би му рекол дека е најдобро да остане близу до Гвардиола затоа што мислам дека има план за него. На краток рок тоа ми изгледа тешко. Но, гледајќи во иднина, го гледам Фоден како најистакнат играч од неговата генерација, истакна Марфи.