
Морбидни скандирања предизвикаа прекин на дуелот меѓу Сосиедад и Реал (ВИДЕО)
Стоперот на Реал остро стартуваше врз Беренчеа за што доби жолт картон, но веднаш потоа почнаа навреди од трибините на негова сметка и скандирања „Асенсио умри!“. Главниот судија не дозволи да се изведе слободен удар додека не престанат извиците, ги викна капитените на двете екипи и побара од официјалниот спикер да упати барање до навивачите да запрат. Дури и на семафорот беше поставена порака да нема повеќе расистички, ксенофобни и нетолерантни повици.
Но, грубиот старт на Асенсио не е единствена причина за овие скандирања. Дефанзивецот, кој сезонава доби шанса во првиот тим на Реал поради големиот број повредени фудбалери, се наоѓа под истрага откако мајка на една 16-годишна девојка го пријави дека тој дистрибуирал снимки од сексуални односи со ќерка ѝ, а ја снимал без нејзино знаење и одобрение. Асенсио бараше случајот да биде затворен, но тоа е одбиено и тој и натаму се наоѓа под истрага.
Поради големиот притисок врз него, Анчелоти на полувреме го остави Асенсио во соблекувална и на негово место во игра го внесе Лукас Васкез.