Готово е: Игуаин ќе го засили Челси!

Аргентинската ѕвезда на Милан, Гонзало Игуаин, кој игра на едногодишен заем кај „росонерите“ во следните денови и официјално ќе биде нов напаѓач на лондонски Челси, објави „Скај Спорт“, повикувајќи се на релевантни информации дека трансферот е веќе договорен.

Според информациите на „Скај“, Игуаин доаѓа на „Стемфорд бриџ“ на шестмечесен заем, со тоа што го прекинува заемот кај Милан, а лондончани добиваат право да го откупат договорот на крајот на сезоната, но имаат опција да го продолжат тој заем и за следната сезона.

Челси ги презема сите финансиски обврски кон Игуаин, а јасно е дека Јувентус ќе сака да се ослободи од фудбалерот, зашто за него нема место во актуелниот табор на „старата дама“, особено по доаѓањето на Кристијано Роналдо летоска. Маурицио Сари со ова ќе си ја исполни најголемата желба, зашто добро го познава Игуаин уште од времето во Наполи, па сега „сините“ добиваат голем напаѓачки адут за вториот дел од сезоната.

Милан веќе има подготвено замена за Игуаин и тоа во полската сензација од Џенова, Криштоф Пјатек, но засега нема договор околу висината на трансферот на извонредниот центрафор кој во есенскиот дел даде 19 гола на 21 меч за џеновјаните.

Од друга страна се поизвесно е дека Алваро Мората ќе се врати во Мадрид, но овојпат ќе го облече црвено-белиот дрес на Атлетико, откако претходно играше за Реал Мадрид по што замина во Јувентус, па во Челси. Заминувањето на Мората е пред финализација.