Голеада на „Олд Трафорд“: Фергусон ли го води овој Манчестер јунајтед? (ВИДЕО)

Навивачите на Манчестер јунајтед немаат шанса да го гледаат својот тим на „Олд Трафорд“, но затоа уживаат пред малите екрани. Играта и резултатите на момците на Оле Гунар Солшер почнуваат да наликуваат на оние од времето на сер Алекс Фергусон.

„Ѓаволите“ денеска со убедливи 5-2 го преслушаа Бормут на свој терен во рамки на 33.коло во Премиерлигата. Натпреварот не започна добро за домашните, бидејќи Хери Мегваер беше посрамотен од Џуниор Станислас па гостите поведоа со 0-1 во 15-тата минута.

Младиот Мејсон Гринвуд израмни на 1-1 во 29-тата минута, а пресврт направи Маркус Рашфорд од пенал во 35-тата минута. Во финишот на првиот дел Ентони Марсијал со мајсторија од работ на шеснаесетникот зголеми на 3-1. По само пет минути игра во вториот дел, Бормут доби пенал, откако нововлезениот Ерик Баи несфатливо играше со рака во својот шеснаесетник. Џош Кинг беше прецизен егзекутор.

Потоа на сцена повторно стапи младиот Гринвуд, кој постигна уште еден убав гол за да го врати удобното водство на Јунајтед. Победата ја запечати Бруно Фернандеш, кој на двете денешни асистенции надополни и гол од слободен удар во 59-тата минута.

По рестартот на сезоната, Манчестер има реми и три победи, па сега за момент изби на четвртото место пред Челси со еден бод повеќе, кој има натпревар помалку.

На вториот денешен натпревар од 16 часот, Лестер ја оствари првата победа по рестартот на сезоната и славеше со 3-0 против Кристал Палас.