Гигс ги одбра најдобрите 11 со кои играл, Роналдо - никаде го нема!

Од досада и монотонија, многу фудбалски ѕвезди имаат онлајн-интервјуа, на кои одговараат на, горе-долу, исти прашања, како на пример, кои се 11-те најдобри фудбалери во светот по нивен избор.

Слично прашање одговори и Рајан Гигс, легендата на Манчестер јунајтед, но тој ги одбра најдобрите 11 со кои некогаш играл. Изборот е, благо речено, интересен, бидејќи во него нема неколку големи ѕвезди, почнувајќи од Кристијано Роналдо.

Иако Португалецот освои Златна топка со Манчестер и го одведе клубот до титула во Лигата на шампионите, во 2008 година, сепак тоа не се доволни препораки за Гигс да го вброи меѓу неговите 11 омилени.

Наместо него, напаѓачи во тимот на Гигс се Вејн Руни и актуелниот менаџер на Јунајтед, Оле Гунар Солшер. Во времето додека Гигс играше со Роналдо, до 2009 година, Португалецот не беше класичен шпиц, ги покриваше крилните позиции, но и во средниот ред нема место за него.

Таму се Дејвид Бекам, Ники Бат, Пол Сколс и Рој Кин. Во одбраната на Гигс исто така има неколку изненадувања, бидејќи недостасуваат гранитни дефанзивци како Немања Видиќ или Јаап Стам. Наместо нив, четворката ја сочинуваат Гери Невил, Рио Фердинанд, Микел Силвестре и Денис Ирвин.

Очигледно, Гигс е носталгичен по постарите времиња, иако во Манчестер играше заедно со многу генерации фудбалери, од 1990 до 2014 година.