Газдата на Порто го кажа тоа што сите го премолчуваат: Фудбалерите се преценети!

Португалскиот великан Порто, двоен европски првак од 1987 и 2004 година, мораше летово да го распродава својот тим за да може да живее нормално во овој кризен период со коронавирусот, кој прави сериозни финансиски штети, па овој гигант од преодниот рок оствари профит од – 126 милиони евра.

Одамна Порто е еден од клубовите кои најдобро работат на финансиски план, зашто во изминативе деценија ипол заработија ското 700 милиони евра од продажби на фудбалери, а нивната политика да скаутираат, да изнаоѓаат добри фудбалери и потоа скапо да ги продаваат, се покажа како исклучително добра.

Но, Пинто Да Кошта, првиот човек на Порто после добрата заработка го кажа тоа што веќе со години сите некако го одмолчуваат, а станува збор за преголемите пари што се трошат во фудбалот на засилувања, посочувајќи споредби кои буквално се – нелогични.

„Ајде сега вие објаснете ја ситуацијава. Според актуелниот пазар на фудбалери нашиот тим вреди 76 милиони евра, а летово ние заработивме – 126 милиони евра. Како е тоа можно? Едноставно е – ова е доказ колку фудбалерите се преценети!“, вели Да Кошта.

За уште посликовито да објасни сè, Да Кошта го потенцираше трансферот на Фабио Силва во англиски Вулверхемптон, кој плати 40 милиони евра за доскорешниот фудбалер на Порто.

„Ако гледаме од наша страна, Фабио Силва е најдобар бизнис летово. Сите ќе прашаат зошто? Па тој имаше откупна клаузула од само 10 милиони евра, а Вулверхемптон ни даде – 40 милиони! Подобро нешто – здравје. Најубав бизнис“, додава првиот човек на Порто.