Газдата на Фулам се откажа од идејата да го купи лондонски „Вембли“

Газдата на малиот лондонски премиерлигаш Фулам, Сахаид Кан, кој истовремено е газда и на американскиот тим во НФЛ-лигата (американски фудбал), Џексонвил јагуарс се откажал од идејата да го купи фудбалскиот храм „Вембли“, кој е во сопственост на англиската фудбалска федерација (ФА).

Американскиот милијардер со пакистанско потекло ѝ понуди на ФА за фудбалскиот храм на Островот точно 700 милиони евра, но уште откако беше најавено дека „Вембли“ може да добие нов сопственик се појави голема опозициска група, па откако Кан сфатил дека има сериозна поделба околу тоа решил да се повлече.

„Господинот Кан реши да го повлече својот предлог со образложение дека неговата понуда предизвикала премногу поделби од тоа што очекувал“, објавил извршниот директор на ФА, Мартин Глен.

Англиските медиуми, пак, посочија дека најголемиот проблем настанал околу парите. И не околу сумата за продажба, туку начинот како да се распределат тие во федерацијата. Извршниот комитет на ФА ја прифати понудата, но одлуката за продажба на „Вембли“ требаше да ја одобри Собранието на ФА со 127 члена, во која претставници се и клубовите, локалните организации, како и легендите. Еден од најголемите противници беше Гери Невил, кој истата ја нарече смешна и луда работа.

„Вембли“ беше изграден во 1923 година, а на тој стадион Англија во 1966 година стана светски првак. Стариот „Вембли“ беше затворен во 2000 година, а срушен во 2003 и на негово место беше изграден нов храм , кој официјално беше пуштен во употреба во 2007 година. Цената на изградбата, но и рушењето на стариот стадион севкупно чинеше една милијарда фунти.