Гатузо во следните 20 дена треба да докаже дека е тренер за Милан

Поранешниот член на последната европска шампионска генерација на Милан, Џенаро Гатузо, сега кормилар на „росонерите“ ја крена самодовербата на миланскиот великан, кој има серија од 11 меча без пораз и сè уште шанси да се избори за место во Лигата на шампионите во следната сезона.

Но, пред Гатузо во следните 20 дена е вистинскиот предизвик за да покаже дека е кадарен да биде кормилар на седумкратниот европски првак, затоа што Милан го очекува пеколен распоред и тоа на три фронта, од кој во два ќе се бори за трофеј. „Росонерите“ во овие следни 20 дена имаат шест меча на распоредот од кои им зависи практично целата сезона.

Почнуваат со дерби со Рома в недела на гостувањето (20.45 часот), дуел кој е од исклучително значење затоа што миланезите се на осум бода од местото за ЛШ (Рома има 50, Лацио е четврти со 49, Интер има 48), потоа следува дуелот со Лацио во реванш полуфиналето во Купот (0-0 по првиот меч) во среда, а три дена подоцна е градското дерби со Интер, што е нова пресметка за место во ЛШ.

Тешкиот распоред продолжува со воведниот осминафинален двомеч во Лига Европа против лондонски Арсенал во Милано, па незгодно гостување кај Џенова, која им го зема скалпот на два кандидати за ЛШ идната сезона (Лацио и Интер) и потоа реваншот во Лига Европа со „топчиите“. Токму Лига Европа е втората шанса и пократкиот пат кон Лигата на шампионите.

Ако Гатузо успешно го мине овој период и остане во трка за два трофеи, а со тоа и за место во ЛШ, дефинитивно ќе значи дека Милан се препородил под негова команда, а тој е кадарен да води великан како што се црвено-црните.