Фудбалерите на Баерн се согласија на ново кратење на платите поради Ковид-19

Фудбалерите на Баерн Минхен беа меѓу првите во Европа што доброволно се согласија да им бидат намалени платите поради тоа што фудбалот запре кон средината на март како последица на пандемијата од коронавирусот. 

Тогаш „баварците“ се согласија за 20 отсто помала плата за месец април, а сега клубот информираше дека фудбалерите се согласиле да земаат помала плата до крајот на сезоната. Тоа ги опфаќа месеците мај, јуни и јули.

„Навистина ми претставува задоволство што играчите ја разбираат ситуацијата и повторно ќе се откажат од дел од своите примања до крајот на сезоната“, изјави претседателот  на клубот, Херберт Хајнер за „Билд“.

Со откажувањето на дел од платата, фудбалерите директно ќе помогнат во зачувување на работните места на голем дел од вработените во клубот и на стадионот „Алијанц“, кои директно се погодени од пандемијата. Натпреварите во Бундеслигата се вратија пред две недели, но фудбал се игра пред празни трибини, а тоа прави сериозен удар врз финансиите на клубот.