Фрајбург го урна Менхенгладбах во трка за Европа, а и Леверкузен се израдува (ВИДЕО)

Нилс Петерсен само една минута откако влезе во игра погоди во мрежата на Борусија Менхенгладбах и на Фрајбург му донесе голема победа од 1-0 за овој клуб да дојде уште поблизу во трката за место во Лига Европа, ама на нивната победа се израдува и Баер Леверкузен во трката на „фармацевтите“ за место во Лигата на шампионите.

Петерсен погоди во 58-та минута на асистенција на Грифо, а откако Плеа десет минути подоцна заработи исклучување за два жолти картони, јасно беше дека Фрајбург ќе ги освои трите бода. Со победата овој клуб сега стигна до 41 бод од 30 меча, само еден зад Волфсбург и Хофенхајм во трката за место во Лига Европа.

Од друга страна Менхенгладбах остана на 56 бода, но сега Леверкузен има шанса со триумф да ги прескокне за три на четвртото место, последно кое води во ЛШ и на четири кола до крајот да го направи првиот исчекор кон настап и следната сезона во европската елита.