Фонсека фати ритам: Милан „врза“ три победи во Серија А (ВИДЕО)

По лошиот старт на сезоната, екипата на Милан и неговиот нов тренер Пауло Фонсека полека влегуваат во ритам и атакуваат на врвот на табелата во Серија А.

Вечерва „росонерите“ го остварија третиот триумф во низа откако на домашен терен го совладаа Лече со 3-0. Се што беше важно на мечот се случи во период од само пет минути, од 38. до 43 кога Мората, Ернандез и Пулишиќ ги постигнаа головите за Милан и практично го решија прашањето околу победникот. Во продолжение немаше потреба домашните фудбалери да форсираат, па ги чуваа силите за второто коло од Лигата на шампионите во кое ќе му гостуваат на германскиот првак Баер.

По оваа победа Милан се израмни со лидерот на табелата во Серија А, Торино со 11 бода, но останатите екипи, своите натпревари од шестото коло треба да ги играат во текот на викендот.