Фиренца ќе гори: Невидена инвазија на наполитанци на „Артемио Франки“

Откако го победија првако Јувентус среде Торино за да се вратат во трката за „скудетото“, во Неапол владее вистинска еуфорија пред завршните четири кола во Серија А, а прв предизвик за Наполи е гостувањето во Фиренца за кое навивачите подготвуваат инвазија, која не е видена уште од времето на Диего Армандо Марадона.

Наполи последен пат ја освои титулата во 1989 година со аргентинскиот волшебник во тимот, па сега е на чекор да направи такво нешто, сооглед дека е на само бод заостаток зад Јувентус, но „старата дама“ има две големи дербија во последните четири гола – в сабота со Интер и за две недели со Рома.

Под Везув се надеваат дека Јувентус веќе в сабота ќе киксне против Интер, зашто „нераѕурите“ бркаат место во Лигата на шампионите, а сето тоа ќе им овозможи со победа во Фиренца да се вратат на лидерското место. Поради тоа, навивачите на Наполи веќе ги разграбаа билетите наменети за гостинските навивачи на „Артемио Франки“, па се очекува околу десет илјади наполитанци да дојдат на гостувањето против Фиорентина.

Навивачите веќе ги посетиле играчите во тренинг-кампот за да им изразат поддршка во завршницата од сезоната, а „Газета дело Спорт“ објави дека во градот под Везув немало таква еуфорија уште од времето на Марадона, а на мака е и полицијата, која веќе подготвува план како да се справи со еуфоријата која може да излезе од контрола, ако Наполи викендов запоседне на првото место на табелата.