Фали Рамадани и партнерот наместо во притвор си гледаа спектакл на „Бернабеу“ (ФОТО)

Големата афера со перење пари и затајување данок која е топ тема во Шпанија во изминатава недела и се врти околу тетовецот Фали Рамадани, како еден од најмоќните менаџери на светот, предизвика силен интерес. Но, додека Шпанците чешлаат документи за измамите со трансфери, менаџерот и неговиот најблизок соработник, Никола Дамјанац се забавуваат на фудбалски спектакли.

Вчера низ медиумите на Пиринеите се појавија информации дека Рамадани и Дамјанац се уапсени и во притвор, па за да демантираат такво нешто, двајцата покажаа во кој затвор се – на „Сантјаго Бернабеу“. Менаџерскиот тандем од агенцијата „Лиан Спорт“ синоќа од ложата уживаа во спектаклот Реал Мадрид – Манчестер сити (1-2).

Според информациите од истрагата, Рамадани испрал и затаил данок низ годиниве околу 100 милиони евра, а преку кипарски Аполон, чиј сопственик е уште еден моќен менаџер Пини Захави, правеле лажни трансфери, а парите потоа ги користеле за купување луксузни вили и само во 2018 година ѝ направиле штета на Шпанија со затаен данок од 10 милиони евра.