ФА започна постапка против Гвардиола поради подршката за Каталонија

Менаџерот на Манчестер сити е обвинет од Фудбалската асоцијација на Англија за прекршување на кодексот за спортска опрема и рекламирање. 

Постапката е започната поради жолтата лента што Гвардиола ја носел на облеката, која според ФА е политичка парола. Менаџерот за прв пат ја носеше жолтата лента во ноември минатата година како подршка за независноста на Каталонија, кога се одржуваше референдумот за независност, но и за подршка на сите политички затвореници од овој регион.

Тогаш Фудбалската асоцијација зборуваше со Гвардиола и доби две формални предупредувања. Сепак, каталонецот повторно ја носеше жолтата лента за време на натпреварот против Виган во ФА Купот, кога неговиот тим шокантно беше елиминиран со 1-0.

Поради тоа Гвардиола сега формално е обвинет за прекршување на правилникот на ФА и веројатно ќе мора да плати парична казна, но не се исклучува и суспензија од неколку натпревари.

Тој има рок до 5.март да даде изјава во врска со обвинението, по што ФА ќе одлучи дали и натаму ќе постапува против него.