ЕСПН: Манчестер јунајтед ги договори сите детали со Бруно Фернандеш

Англискиот великан Манчестер јунајтед ги договорил сите детали со најдобриот пријател на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски во Спортинг Лисабон, Бруно Фернандеш, па овој фудбалер во најскоро време се очекува и официјално да стане нов играч на „црвените ѓаволи“.

Фернандеш од поодамна се поврзуваше со Јунајтед, но високата отштета беше пречка, а летоска Тотнем беше на чекор да го украде, но трансферот во „пет до 12“ не се случи. Според информациите, сега Јунајтед се надева дека Спортинг ќе ја намали откупната цена за 20-на милиони евра, на прифатливи 55 до 60 милиони за да го ангажираат Фернандеш.

Овој фудбалер за врска во изминативе година ипол е еден од најубоитите играчи од средниот ред и постигна неверојатни 48 гола, а патем имаше и 38 асистенции. Сезонава има 15 гола и 13 асистенции за Спортинг на 25 меча и треба да биде големо засилување за средниот ред на Јунајтед.

Фернандеш пред повеќе од еден месец објави за португалските медиуми дека прв играч што експресно би го земал во идниот свој клуб е Ристовски, најмногу поради атмосферата што знае да ја направи македонскиот репрезентативец.