„ЕСПН“: Гигантите Интер и ПСЖ ептен загреани за Енис Барди

Два европски гиганти, милански Интер и француски Пари Сен Жермен сериозно го следат македонскиот репрезентативец Енис Барди, фудбалерот на шпански Леванте, откако тој имаше деби од сонишатата во оваа сезона во шпанската Ла Лига со девет гола од кои пет од слободен удар.

Уште на стартот на сезоната, шпански медиуми објавија дека за Барди експресно покажале интерес Интер и ПСЖ, но сега овие два тима сериозно влегуваат во трка за потписот на нашиот репрезентативец, кој остави неверојатен впечаток во завршницата од сезоната во која даде пет гола на последните четири меча, а се запиша и во историјата на шпанската Ла Лига. 

Информацијата за интересот на „нераѕурите“ и ПСЖ доаѓа од една од најугледните спортски телевизии „ЕСПН“, која посочува дека двата тима внимателно го следат развојот на фудбалерот за врска. Во Интер низ историјата играле двајца македонски фудбалери, Дарко Панчев и Горан Пандев, додека во ПСЖ никогаш не заиграл македонски играч.

Барди во Леванте дојде летоска за 1,5 милиони евра од унгарски Ујпешт, а моментно на трансфер пазарот цената му е пет милиони евра, иако има откупна клаузула од 25 милиони евра.