Ернан Креспо се врати во Парма - клубот доби нови кинески сопственици

Екипата на Парма е третиот клуб во Италија, ќе биде во сопственост на кинеска компанија, по Интер и Милан. 

Второлигашот денеска и официјално е преземен од кинеска компанија предводена од бизнисменот Џијанг Лижанг. Парма банкротираше во 2015 години, кога беше префрлена во најнизок ранг на натпреварување и мораше да го промени името во Парма 1919 година. Клубот тогаш беше откупен од конгломератот Нуово Инисио, кој сега поседува само 30 отсто од акциите во клубот, додека кинеската компанија сега поседува 60 отсто, а преостанатите 10 отсто им припаѓаат на навивачите на клубот. 

За две години, тимот прескокна два ранга во италијанскиот фудбал и сега во Серија Б сериозно конкурира за враќање помеѓу елитата.  Поранешниот фудбалер на Парма, Ернан Креспо е назначен за потпретседател на клубот.

„Немаме намера да правиме некаква револуција во клубот, бидејќи тој си има свој идентитет и тоа нема да се смени. Ќе работиме сите заедно. Парма повторно ќе биде гигант. Ќе се вратиме на местото кое ни припаѓа во италијанскиот фудбал. Се надевам дека наскоро ќе се вратиме во Серија А“, изјави Лижанг, кој има акции во НБА-тимот Минесота тимбервулфс, го поседува и шпанскиот тим Гранада, како и клуб во кинеската суперлига.