Елмас по само минута откако дебитираше во Калчото се претстави со - потег „а ла Зидан“ (ВИДЕО)

Македонскиот бисер Елиф Елмас официјално дебитираше во италијанското Калчо, па ги запиша првите 20 минути за Наполи, каде летово дојде за македонски рекорд од 16 милиони евра плус бонуси од Фенербахче. И веднаш на стартот, Елмас пред италијанската јавност се промовираше со – поед „а ла Зидан“.

Иако сѐ уште има 19 години, Елмас после само една минута покажа колкава фудбалска дрскост и самодоверба има, кога во тесен меч, каде секоја грешка може скапо да се плати, на средина прави потег по кој светската јавност и тоа како добро го памети францускиот виртуоз. Елмас се изврте, без мака си ја задржа топката, само за да најави дека допрва ќе има што да каже на Апенините.

Тоа што е најинтересно, иако одигра само 20 минути во голеадата на „Артемио Франки“, каде Наполи победи со 4-3, Елмас доби одлична оценка и е меѓу најдобро оценетите на мечот од навивачите и дел од новинарите од Неапол.