Едно од новите засилувања на Милан ја прекинува кариерата?

Милан летово се засили со дури осум нови играчи откако реши да направи голем ремонт во играчките редови по ланската сезона. Сепак, едно од новите засилувања ќе биде надвор од терените подолго време поради здравствени проблеми, а дел од медиумите пишуваат дека во опасност е и неговата фудбалска кариера.

Се работи за левиот бек Иван Стриниќ, кој ќе биде во „аут“ на неодредено време поради проблеми со срцето, односно има хипертрофија на срцев мускул. Хрватот летово го засили Милан како слободен фудбалер, а претходно играше за Сампдорија и Наполи.

За да биде целосна дијагнозата, Стриниќ ќе мора да мирува подолго време по што ќе бидат направени дополнителни тестови. Милан очигледно знаеше за проблемите на Хрватот, кој го одигра цело Светско првенство, бидејќи во последните денови од преодниот рок брзаше да го ангажира Диего Лаксалт од Џенова, кој исто така игра на левата бековска позиција.