„Една грешка во кариерата скапо ме чинеше“

Аргентинскиот фудбалер Хавиер Савиола на само 16 години беше и тоа како познато име во својата родна земја, а светот слушна за него кога се пресели во редовите на Барселона од Ривер Плата, летото 2001 година.

Барселона за него издвои 36 милиони евра, што во тоа време беше огромна сума во светот на фудбалот. Се очекуваше да биде главна sвезда во каталонскиот гигант, но не успеа да го оствари сето она што се очекуваше од него. Тој за Барса одигра 123 натпревари и постигна 49 голови. Во летото 2004 година замина на позајмица во Монако, откако Самуел Ето го зазеде неговото место во нападот на тимот од „Ноу Камп“. Една сезона подоцна Аргентинецот замина на позајмица во Севилја, а потоа на големо изненадување за сите - потпиша за Реал Мадрид.

Савиола замина во „Кралскиот“ клуб откако неговиот договор со Барселона истече, што воедно беше предавство за Каталонците. Тој призна дека сезоната во Севилја била незаборавна за него и дека направил грешка што не останал во овој клуб, туку заминал во Реал.

Таа година во Севилја е незаборавна за мене. Го освоивме Купот на УЕФА и тоа беше мојот прв трофеј во Европа. Се сеќавам дека имавме спектакуларна прослава и целиот град беше на нозе. Беше прекрасна година, а јас сум горд што бев член на тогашната Севилја. Играв многу помалку отколку што очекував во Реал Мадрид. Среќен сум што сум дел од еден ваков одличен клуб, но тие не ме ценеа премногу. Требаше да ја одбрам Севилја, а тоа веројатно беше мојата најголемата грешка во кариера, истакна Савиола.

Аргентинецот одигра само 17 натпревари во дресот на Реал Мадрид и постигна четири гола. Тој подоцна играше Бенфика, Малага, Олимпијакос и Верона, а кариерата ја заврши кариерата во Ривер Плата.