Еден ден по прогласување независност, што ги очекува каталонските клубови?

Каталонија вчера прогласи независност, а шпанскиот парламент веднаш одобри вонредни мерки кон својата покраина, што за многу претставува само вовед кон многу поголем хаос. Сепак, весникот „Марка“ смирува, велејќи дека во спортот работите ќе останат исти, барем уште некое време.

Прогласувањето на независност не би требало да донесе конкретна последица во спортот, барем не наскоро, вели „Марка“, клубовите ќе играат во шпанските лиги без разлика како ќе се одвива ситуацијата.

„Тоа е долготраен процес, во кој мора да учествуваат и меѓународните организации УЕФА и ФИФА, а во овој момент нема стравување дека такво нешто би можело скоро да се случи. Ова е процес кој би можел да трае и подолго од шест години“, пишува реномираниот весник.

Дури и Каталонија да се отцепи како комплетно независна држава, а нејзините клубови да бидат под капата на засебни каталонски спортски федерации, клубовите повторно можат да играат во Шпанија, но и за тоа треба време.

„Нема никакви шанси Барселона, Еспањеол или кој било други клуб од Примера веднаш да биде исклучен од Ла Лига или, пак, да настапува под друго знаме. Баш сѐ ќе остане како и досега. Според шпанскиот закон за спорт, само Андора има право да учествува во некои нејзини натпреварувања, а за да дојде до промена на законот и истото да важи и за клубовите од независна Каталонија, потребни би биле најмалку шест месеци и желба на државата да ја промени законската рамка“