Ѕвезда на Рома поради една причина не сака да игра во Премиерлигата!

Низа фудбалери на италијанскиот калчолигаш Рома во изминативе година и половина посебно се на мета на многу поголеми екипи од римјаните, но засега „волчицата“ одолева на понудите. Веќе и не е тајна дека голманот Алисон, потоа Един Џеко, па Кевин Стротман и Раџа Наинголан ги посакуваат многу клубови.

Посебно голем интерес има за Наинколан, познат под прекарот „нинџа“. Белгискиот репрезентативец преку Пјаченца и Калјари во 2014 година стигна во Рома. Најголем интерес за него има од Премиерлигата, а тој „мртов-ладен“ посочува дека баш и не сака да се пресели на Островот, иако ја обожува најсилната лига во Англија.

„Јас го сакам англискиот фудбал, сакам да ги гледам нивните мечеви, но имам речиси 30 години и тешко ми е повторно да почнувам авантури. И да – мрзам дожд! Во Ливерпул бев два дена и во ниту еден момент не престана да паѓа дожд. Веќе десет години само се пишува за мене, а јас сè уште сум во Италија. Добро ми е тука, имам сè, семејството ужива. Лани имаше нешто со Челси, но не се оствари и тоа е тоа...“, вели Наинголан.

На „Олимпико“ се надеваат дека Наинголан ќе остане дел од тимот, иако и Јувентус сакаше да го грабне пред година и половина.