Фудбалер на Ливерпул обвинет за обложување на спортски натпревари

Фудбалерот на Ливерпул, Даниел Стариџ би можел да биде во сериозни проблеми откако Фудбалската асоцијација на Англија го обвини за прекршување на правилата за обложување.

Обвиненијата се однесуваат на случувања од јануари 2018 година. Во тој период фудбалерот направи трансфер од Ливерпул во ВБА, односно беше позајмен до крајот на сезоната.

Според информациите на „Би-Би-Си“, Стариџ се обложувал на фудбалски натпревари. Едно од обвиненијата е дека тој издал информации поврзани за фудбал, кои не се достапни на јавноста. Правилата на ФА се јасни, според кои ниту еден професионален фудбалер не смее да се обложува, ниту пак на било каков начин биде поврзан со обложување.

Казните за ваков прекршок во англискиот фудбал се екстремно строги. Стариџ има рок до 20 ноември да одговори на обвинувањата на ФА.