Ѕвезда на Интер: Победата над Ковид-19 ќе биде исто како да сме освоиле скудето!

До пред неколку недели Јувентус, Интер и Лацио смислуваа план како да го освојат Скудетото. Тие се големи ривали во обид да го освојат трофејот во Серија А. Опасниот Ковид-19 му се заканува на човештвото, па на „Џузепе Меаца“ повеќе не гледаат кон трофејот, туку како Италија да излезе од кризата.

Искусниот фудбалер од Интер, Антонио Кандрева вели дека шампионската трка не го интересира воопшто и приоритет даде на борбата со невидливиот противник.

„Не би било во ред сега да разговараме за Скудетото. Во овој момент, победата против вирусот значи дека сите сме ја освоиле титулата“, кажа 33-годишниот Кандрева.

Но, доколку Серија А продолжи, тогаш сигурно ќе се игра во летните месеци, кога е време за одмор.

„Играње на фудбал во јуни и јули секако е нешто ново за нас. Можеби не е најдобро, но ќе видиме што ќе се случува дотогаш“, вели Кандрева.

Во моментовво прв план е борбата за човечките животи, а во Италија досега настрадаа повеќе од 10.000 лица.

„Не очекував да ни се случи кинеското сценарио. Симбол на ова време се фотографиите од медицинските сестри во болниците ширум светот, чии лица се прекриени со маски. Им благодарам за храброста, посветеност и пожртвуваноста“, порача Кандрева.

Кандрева помина 14 дена во карантин, како и останатите фудбалери на Интер, но не го напушта Милано и тешко му е поради целата ситуација во Италија, а исто така кажа дека му е жал и за Даниеле Ругани, кој беше прв позитивен на Ковид-19.