Џек Грилиш официјално во Сити - наjскап фудбалер во Премиерлигата

Манчестер сити потврди дека го ангажирал Џек Грилиш од Астон вила, а се шпекулира дека „граѓаните“ за неговиот трансфер ќе платат 117 милиони евра и така ќе го направат најскапиот фудбалер во Премиерлигата.

Грилиш ќе биде уште едно големо засилување за екипата на Пеп Гвардиола, кој следната сезона ќе се обиде да ја одбрани титулата во Премиерлигата, но и конечно да ја освои Лигата на шампиони со тимот од Манчестер.

„Многу сум среќен затоа што доаѓам во Манчестер сити. Тоа е еден од најдобрите тимови во светот. Мојот сон се исполни да бидам дел од екипата. Во претходните 10 сезони постојано освојуваат трофеи, а Пеп Гвардиола го крена тимот на повисоко ниво и да се учи од него е нешто специјално и голема чест“, вели Грилиш.

Трансферот на Грилиш го урна претходниот рекорд на Премиерлигата за најскап трансфер кој го имаше Пол Погба од 2016 година, кога Манчестер јунајтед за него плати околу 111 милиони евра.

Англискиот репрезентативец во претходните осум сезони вкупно запиша 213 настапи, а притоа постигна 32 гола и 43 асистенции за Астон вила и Нотс Каунти каде што беше на позајмица.