Ѕампарини се кае: Палермо мора за „ситно“ да го продаде Несторовски

Заминувањето на македонскиот репрезентативец Илија Несторовски од Палермо е се поизвесно, а за такво нешто се помири и првиот човек на сицилијанците Маурицио Ѕампарини, кои во изјави за медиумите најави колку пари очекува од летниот трансфер пазар, откако неговиот клуб не успеа да се врати во Серија А.

Палермо минути го делеа од враќање во елитата, но наместо сицилијанците во Калчото ќе игра Фросиноне, а тоа значи дека Несторовски ќе си замине. Веќе една година низ медиумите се лицитира со негов трансфер, се пишуваа десетина милиони евра, а Ѕампарини сега признава дека тешко оти ќе може да извади сума која постојано ја потенцираше – најмалку 15 милиони евра.

„Треба да се сочека и да се направи евалуација на пазарот, да се видат понудите што ќе стигнат. Но во случајот со Несторовски, цената падна, затоа што тој во оваа сезона имаше 'две лица', проблем направија повредите“, признава Ѕампарини.

Медиумите на Сицилија потенцираат дека првиот човек на Палермо пропуштил извонредна шанса да го продаде Несторовски за 15 милиони евра минатото лето, како и за околу таа сума и зимава затоа што имало сериозен интерес од Кина.

„Сега е незамисливо дека такви понуди ќе дојдат во клубот, особено од средни клубови во Италија, како Торино, Болоња...“, пишува „Џорнале де Сицилија“.

Ѕампарини од друга страна се надева дека ако ги продаде Иван Коронадо, Ла Гумина и Несторовски во касата ќе донесе околу 30 милиони евра или во просек по десет милиони од овие тројца. Но, многу поизгледно е дека Несторовски ќе си оди за „ситно“ од тоа што контроверзниот сицилијанец го бараше пред само шест месеци.