Донарума пред експресен влез во историјата на Премиер лигата – ама по лоша работа!

Голманот на Манчестер Сити, Џанлуиџи Донарума, се наоѓа пред можност да стане првиот чувар на мрежата во историјата на Премиер лигата кој ќе добие суспензија поради пет жолти картони.

Италијанецот викендов го заработи својот четврти жолт картон во само десет натпревари. Донарума беше опоменат во финишот од мечот против Лидс (3-2) и тоа поради приговор кон судијата. Ова е негов трет картон од тој тип, додека еден од претходните го доби за одолговлекување на играта. Само уште една опомена во следните шест кола би значела автоматска суспензија и неславен рекорд за италијанскиот репрезентативец, сè до истекот на првата половина од сезоната кога престанува важноста на оваа дисциплинска мерка.

Тренерот Пеп Гвардиола застана зад својот голман и изјави дека верува оти Донарума ќе се приспособи на критериумите на англиските судии. Иако не беше расположен за подолги коментари, шпанскиот стратег порача дека нема потреба од дополнителен разговор со голманот, додавајќи дека 26-годишниот играч „е доволно зрел“ да ги сфати последиците.

Поранешниот голман на Милан и ПСЖ досега одигра 14 натпревари за Сити, прими 11 голови и шестпати ја сочувал мрежата недопрена.