Дојде Роналдо, па Јувентус ќе го грабне и – Зинедин Зидан

Откако го потресоа светскиот фудбал со џиновскиот трансфер на најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо, купувајќи го од Реал Мадрид за 105 милиони евра, италијанскиот великан Јувентус многу извесно е дека ќе го ангажира и Зинедин Зидан.

Зидан неочекувано само десет дена по освојувањето на третата европска титула по ред со „кралскиот клуб“ си поднесе оставка, па сега можно е да се врати во Торино по 17 години, откако во 2001 година како играч направи тогаш рекорден трансфер од „старата дама“ на „Сантјаго Бернабеу“. Но, ангажманот на Зидан во Торино нема да биде промена на кормилото, туку Французинот ќе ја добие улогата на спортски директор.

Сепак, нема да биде изненадување, ако во блиска иднина Зидан го наследи Масимилијано Алегри, под чија палка Јувентус доминира во Серија А, а играше и две финалиња во Лигата на шампионите. Нема да биде ни првпат Зизу да биде спортски директор, затоа што пред да седне на кормилото на „кралевите“, ја имаше истата улога и во Мадрид, а потоа го замени Рафаел Бенитез во 2016 година и за две ипол години постави стандарди со освојување на европски трофеи, како никој досега.

Според најавите, Зидан ќе работи заедно со актуелниот спортски директор Фабио Паратичи, имајќи и улога на специјален советник за спортски прашања. Овие двајца заедно со генералниот менаџер Бепе Марота треба да го сочинуваат директорското трио кое во Торино ќе ја врати европската круна.