Директорот на Мајорка го „предал“ тетовецот Рамадани за перењето пари и даночно затајување!

Тетовецот Фали Рамадани, кој е еден од десетмината најмоќни менаџери на светот, чија агенција „Лијан Спорт“ веќе со децении има големи клиенти се најде во сериозен проблем, откако шпанската цивинла гарда му упадна на имотот во Мајорка во голема акција во која веројатно ќе се соочи со обвинение за перење пари и даночно затајување.

Шест часа траел претресот на имотот на Рамадани на Балеарските острови, а акцијата ја спровеле шпанските даночни власти и агенциите за сузбување на организиран криминал и перење пари, а поддршка имале и од Европол. Според информациите на шпанските медиуми однесена е огромна количина на документи, кои сега ќе се вештачат, а Рамадани има обврска да се појави во Националниот суд.

Покрај Рамадани во големата акција, осомничени се уште низа менаџери од Источна Европа, фудбалери, но и неколку фирми и компании, но засега нивните имиња не се објавени. Шпанските медиуми сега, објавуваат, дека бившиот директор на Мајорка, кој го донесе македонскиот репрезентативец Александар Трајковски во Ла Лига, Махета Моланго е „свиркачот“, кој како заштитен сведок го предал моќниот менаџер.

„Утима Ора“, портал од Шпанија, потенцира од извори во истрагата дека акцијата против Рамадани дошла експресно, откако неколку дена претходно Моланго пропеал на информативен разговор за финансиските малверзации на тетовецот. Моланго, имал пристап до документи, а како докази дал договори со неколку фудбалери, а посочил и дека Рамадани соработката со Мајорка ја остварил по нормален канал, а врската меѓу него како спортски директор и менаџерот бил Карлос Суреда, еден од луѓето во раководството на клубот.

Иако е Албанец, најголем дел од клиенти на Рамадани се српски ѕвезди, пред сите Лука Јовиќ, кој летоска дојде во Реал Мадрид, потоа Лука Миливојевиќ, Филип Костиќ, Матија Настасиќ, Адем Љаиќ, Мијат Гачиновиќ, Милош Вељковиќ... Пред една година голема бура изби во Србија, кога тогашниот селектор Младен Крстаиќ објави дека моќен менаџер се меша во работата на репрезентацијата, па Србија отвори „фронт“ против Рамадани, но сето тоа потоа се заборави.

Рамадани има илјадници клиенти, а пред четири години имаше и мал удел како советник и помагаш за спортски работи во Шкендија, но набрзо соработката не успеа.