Динамо Москва се враќа по Ристовски: Русите решени да го земат од Спортинг!

Руски Динамо Москва не се откажува од опцијата да го ангажира македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски и покрај неуспешниот обид на крајот на пролонгираниот летен преоден рок да го донесе во своите редови, па за неполн месец Русите ќе тргнат во нова акција за да го земат дефанзивецот од Спортинг Лисабон.

Ристовски не е во комбинација кај тренерот Рубен Аморим, па иако се надеваше дека ќе добие „втора шанса“ во октомври, откако месец дена претходно беше исклучен од првиот тим, тоа не се случи, па сега според сите информации од Португалија тој е пречкртан и единствено решение е веќе во јануари да си замине.

Ристовски кој моментно е во изолација откако закачи коронавирус, според последните најави, повторно на маса ја има понудата да оди во Динамо, која можно е и да ја прифати, зашто ќе му биде потребен натпреварувачки ритам во вториот дел од сезоната со што би ја достигнал топ-формата за дебито со Македонија на Европските првенства.

Како и во првиот обид, повторно Динамо Москва со три милиони евра ќе го купува македонскиот десен бек, а во првиот обид двата клуба постигнаа договор, но дефанзивецот реши да остане во португалската престолнина.

Останува да се види дали Ристовски без клупски фудбал во новата сезона би можел да најде друга дестинација во посилна лига, а летоска беше поврзуван со можноста да замине во бундеслигашот Волфсбург, а од ланската зима се поврзуваше и со враќање во Калчото.