Димитриевски со Рајо го победија најслабиот тим со гол во – 96 минута! (ВИДЕО)

Македонската репрезентативна „единица“ Столе Димитриевски со Рајо Валјекано стигнаа до победа во 96-та минута за да го запишат третиот сезонски триумф (2-1) и да го остават Елче закотвен на самото дно со само еден освоен бод, во последниот меч од седмото коло во Ла Лига.

Елче кај Рајо дојде со серија од четири порази во низа и само еден освоен бод во шест меча, а од два директни шутеви кон голот на Димитриевски, еден заврши во неговата мрежа и тоа за неочекувано водство, по што Рајо успеа да дојде до пресврт буквално во последната минута од судиското надополнување.

Боје по пола час игра го изненади Рајо за водство на Елче, но брзо домаќините се вратија откако Камело осум минути по примениот гол израмни во 40-та и цело полувреме потоа имаа можности за победа, но Иси Палазон и Алваро Гарсија не ги реализираа двете најубави шанси во средина на вториот дел и кога се чекаше крај, Унај Лопез беше побрз од судијата за да даде гол за победа.

Рајо со триумфот сега дојде до 10 бода и е десетопласиран, а Елче со петти пораз по ред остана последен.