Димитриевски не мрда од Мадрид – потпишува нов договор со Рајо Валјекано

Иако летово се најавуваше можен трансфер на македонската „единица“ Столе Димитриевски во некој клуб од Ла Лига, откако во минатата сезона не опстана со Рајо Валјекано, сепак македонскиот голман ќе остане во малиот мадридски клуб и ќе потпише нов договор.

Угледната „Марка“ денеска објави дека Димитриевски и Рајо деновиве ќе ја продолжат соработката и чуварот на мрежата ќе остане до 2023 година во овој клуб, кој има амбиција веќе идниот мај да се врати во шпанската елита.

За Димитриевски, како што пишува весникот, имало понуди од шпански примералигаши и странски клубови, но голманот сакал да остане во Рајо, зашто одлично се чувствувал во Мадрид. За него интерес имаше од Севилја, Валенсија, Бетис, а Еспањол иМајорка „го ловеле“ до последен момент, но никој не сакал да даде најмалку шест милиони евра колку што барале од Мадрид.

Македонскиот голман дојде во Рајо Валјекано од Гимнастик за еден милион евра во јуни лани, а мадридскиот клуб го откупи во јануари годинава и сега ќе ја продолжи соработката.