Димитриевски и Рајо играат како во транс: Трета победа во низа (ВИДЕО)

Рајо Валјекано е во серија од три победи по ред во Ла Лига и полека покажува дека има сили да избори опстанок во шпанската елита. Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски повторно беше на голот на малиот тим од Мадрид.

На „Валјекас“ се играше фантастично интересен дуел, а домашниот тим славеше со 4-2 против Селта. Раул де Томас беше херој на домашниот тим, бидејќи постигна хет-трик. Првиот гол го постигна во четвртата минута.

Потоа следуваше пресврт на Селта. Араухо погоди за 1-1, а Максимилијано Гомез им донесе водство на гостите од пенал во 18-тата минута. Димитриевски добро го прочита шутот на Гомез, но не можеше да го одбрани силниот удар и само малку ја допре топката.

Потоа повторно на сцена стапи Де Томас со два гола, а точка на победата на Рајо стави Бебе во 91-та минута. 

Рајо Валјекано сега има 19 бодови, но и натаму се наоѓа во опасната зона на 18-тото место. Селта е 14-та со 21 бод.