Дибала: Ништо не сум решил каде ќе играм!

Аргентинската ѕвезда Пауло Дибала, кој после шест години си замина од Јувентус како слободен играч изјави за италијанските медиуми дека сѐ уште не донел никаква одлука за тоа каде ќе ја продолжи кариерата, иако во последно време се најавува(ше) негов скоро сигурен трансфер прво во Интер, па во Рома.

Дибала во Италија е веќе цела деценија, прво како фудбалер на Палермо, а потоа на Јувентус и сега е на крстопат каде да продолжи да игра фудбал, а за негов ангажман се вклучија и две големи ѕвезди, сонародникот Хавиер Занети за Интер односно Франческо Тоти за Рома.

„Сѐ уште ништо не сум решил. Заминувам за Шпанија за да ѝ се приклучам на својата репрезентација, потоа ќе имам убав одмор, па ќе видиме. Не знам ништо, но ќе се обидам да го изберам тоа што е најдобро за мене. Во моментов сум смирен и тоа е тоа“, рече Дибала, кој вчера играше на хуманитарен меч во Милано во организација на Самуел Ето.

Дибала и Аргентина на 1 јуни ги очекува „финализима“, своевидниот суперкуп против Италија во пресметката на европскиот и јужноамериканскиот првак како дел од соработката на УЕФА со КОНМЕБОЛ.

„Тоти е идол, великан, нема некој што не го сака во светскиот фудбал. Прекрасни се неговите зборови кон мене, но ништо не сум одлучил. Се видов и со Занети, разговаравме, ама тоа е тоа. Нема ништо конкретно, ниту сега сакам нешто повеќе да говорам“, додал Дибала.