Дибала ги разочарал навивачите на Јувентус по средбата со Лео Меси

По ремито без голови на Јувентус и Барселона во средата во петтото коло во Лигата на шампионите, тројцата Аргентинци, Гонзало Игуаин, Пауло Дибала (Јувентус) и Лионел Меси (Барса) имале средба на која разговарале, а според италијански и шпански меидуми, најмладиот Дибала ги разочарал навивачите на „старата дама“.

Според медиумите, Дибала му рекол на Меси дека во Јувентус се готви смена на генерција, затоа што тимот е (пре)стар, има доста играчи со над 30 години и дека оваа екипа се повеќе е заситена од успеси (шест години се шампиони на Италија), па недостига и мотивација. Поради сето ова, Дибала му се доверил на Меси дека нема намера да биде дел од реконструкцијата на „бјанконерите“ и дека наводно планира да си оди на лето.

Уште ова лето, Реал Мадрид и Барселона најавија сериозен интерес, но Јувентус нема намера да го продаде Дибала. Сепак, добра понуда, како во случајот со Пол Погба, кој делуваше дека не е на продажба, ќе ги разубеди челниците на Јувентус да се откажат од Аргентинецот.

Дибала има договор во Торино до 2022 година, па негов спектакуларен трансфер не е исклучен. Сезонава даде 14 гола на 19 меча во црно-белиот дрес.