Дејан Илиев се врати во словачки Серед

Поранешниот македонски репрезентативен голман Дејан Илиев се врати повторно во словачки Серед и ќе игра во новата сезона за овој клуб на заем, како и пред две сезони кога дојде во словачкиот клуб и мина само шест месеци.

Илиев во Серед доаѓа како член на лондонски Арсенал, каде не добива минутажа, па сега повторно ќе се обиде да фати ритам откако во овој клуб имаше најзабележителни настапи во есенската полусезона во 2019 година, кога тренер на овој клуб беше Славчо Војнески.

„Во последните денови имавме преговори со Арсенал за годишен заем на Дејан Илиев и на крајот сето тоа успешно се заврши. Дејан го знае Серед, го знае опкружувањето, а станува збор за многу квалитетен голман. Му посакуваме топло добредојде и сѐ најдобро во новата сезона“, рече Марјан Черни, генералниот менаџер на клубот.

Серед за Илиев беше прва станица во кариерата откако од Беласица дојде во Арсенал и бранеше во младинските тимови, како и во вториот тим, а после Словачка беше дел од полска Јагелонија, па третолигашот Шрусбери. Летово се поврзуваше со трансфер во Салфорд, клубот на манчестеровите легенди од генерацијата 92.