Де Лаурентис потврди: Стадионот на Наполи ќе се вика - Диего Марадона!

Тоа што вчера се најавуваше во италијанската јавност, денеска доби потврда и од првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис. Стадионот „Сан Паоло“ ќе го носи името на аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона.

Де Лаурентис порача дека стадионот наскоро ќе добие ново име и така ги израдува фановите на Аргентинецот.

„Диего, ти ни остави пример за силен човек, со љубов кон животот и луѓето. Уникатен и неповторлив шампион“, напиша меѓу другото Де Лаурентис.

Оваа информација ја потврди и градоначалникот на Неапол, Луиџи де Магистрис.

„Колку време ми требаше за да решам? Неколку моменти. Стадионот ќе го добие името по најдобриот фудбалер во историјата. За 10-15 дена ќе бидат завршени сите формалности“, кажа градоначалникот.