Човек да не поверува: Арсенал е единствен непоразен тим во 2020 година!

Лондонски Арсенал одамна е далеку од клуб со висок капацитет за трофеи, па навивачите веќе со години се бесни зашто нивниот некогашен премиерлигашки првак и финалист во ЛШ е сè помалку конкурентен во битката за трофеите.

И во сезона во која „топчиите“ најчесто се без муниција, па делуваат како просечна екипа, еден податок ама баш делува чудно – Арсенал е единствен тим од „лига петка“ кој нема пораз во новата 2020 година.

Откако почна оваа година, Арсенал го победи Манчестер јунајтед со 2-0, па славеше со Лидс со 1-0 во ФА-Купот, потоа врза три ремија со Кристал Палас (1-1), Шефилд јунајтед (1-1) и Челси (2-2), па победија кај Бормут со 2-1 во ФА-Купот, па ремизираа 0-0 со Барнли и потоа го декласиаа Њукас со 4-0, за вчера да слават и во Пиреа кај Олимпијакос со 1-0 во Лига Европа.

За разлика од нив, сите други екипи, голем дел далеку помоќни и подобри во моментов од Арсенал, загубија. Пред сè Ливерпул, кој беше поразен во вторникот во Мадрид од Атлетико, па Баерн Минхен, тука се ПСЖ, Манчестер сити, Реал Мадрид, Барселона...