Челси „пукна“ петарда во Киев, Валенсија во завршницата го „расплака“ Краснодар (ВИДЕО)

Челси со убедливи 5-0 на гостувањето кај Динамо во Киев го потврди пласманот во четвртфиналната фаза. Наполи иако загуби од Салзбург со 3-1, сепак истотака ќе се најде меѓу осумте најдобри. Валенсија беше пред елиминација, но со гол во 93 минута успеа да израмни на 1-1 и да обезбеди пласман во наредната рунда.

Оливие Жиру ја започна голеадата во Киев, Французинот погоди уште во петата минута од натпреварот. Потоа напаѓачот на Челси успеа и да го зголеми водството на 2-0, а пред крајот на првиот дел Маркос Алонсо постигна гол за убедливи 3-0.

Домаќинот беше загубен на теренот, а тоа го искористи Жиру кој запиша хет-трик на овој натпревар. Во листата на стрелците се запиша и Хадсон-Одои кој ги постави конечните 5-0 и со вкупни 8-0 Челси успеа да обезбдеди четвртфинале.

Наполи одлично го почна гостувањето во Австрија кај Салзбург, со брз гол на Аркадиуш Милик. Пољакот со тој гол ги реши сите дилеми за патникот понатаму. Но, тоа не ги обесхрабри домаќините, кој преку Мунас Дабур успеаја да се вратат во игра и да израмнат.

Во вториот дел Салзбург успеа да направи и комплетен пресврт, а стрелец беше Фредрик Гулбадсен. Во завршницата домаќинот даде уште еден трет гол, кој беше дело на Кристоф Леитгеб, но сили за нешто повеќе немаа. Голот на Милик, се покажа како клучен за Наполи, откако на првиот меч Италијанците славеа со 3-0.

Краснодар во самата завршница успеа да постигне гол против Валенсија . Магомед Сулејманов со еврогол донесе ерупција во Русија, но шпанскиот состав во 93 минута преку Гонзало Гуедеш го израмни резултато и со тоа му оневозможи на домаќинот да направи големо изненадување.