Челси и Реал на готовс: Најголемиот талент во Германија побарал трансфер од Баер

Каи Хаверџ е најголемиот талент во Германија, фудбалер на Баер Леверкузен, за кого сите европски великани буквално се тепаат, а барем според досегашните најави лондонски Челси и шпански Реал Мадрид се најзагреани и сега се – на готовс.

Како што објави „Билд“, офанзивниот фудбалер за врска кој сезонава има 17 гола и девет асистенции за „фармацевтите“ веќе побарал во Леверкузен да биде продаден во претстојниот преоден рок, кој официјално ќе започне од 5 август.

Ваквите информации го вклучија алармот кај Челси и Реал Мадрид за да тргнат во потера за неговиот потпис, а уште од поодамна се најавува дека за овој суперталентиран Германец, Роман Абрамович толку е збудален што е решен да потроши богатство за него, а вака рускиот олигарх не се однесувал кога ги купувал ѕвездите во најтрофејните денови на „сините“.

Баерн Минхен исто така го сака Хаверц, ама после ангажманот на Лирој Сане за 49 милиони евра, Баварците најавија дека нема шанси да одвојат двојно повеќе од тој трансфер за да го донесат и фудбалерот на Баер. Затоа и Челси сега е прв фаворит, а Реал Мадрид втор.

Се проценува дека најмалку 81 милион евра ќе заработи Леверкузен за овој фудбалер. Челси засега го ангажираше Тимо Вернер, а од лани и Кристија Пулишиќ и очигледно „сините“ ептен ја следат Бундеслигата и ги ловат најталентираните фудбалери во најсилната германска лига.