Челниците на Барселона решија што ќе прават со Гризман и со Ракитиќ!

Евентуалното заминувања на францускиот репрезентативец, Антоан Гризман, од таборот на Барселона останува само во доменот на шпекулациите, откако челниците на каталонскиот гигант решиле дека тој и во иднина ќе остане на „Камп Ноу“.

Без разлика на релативно лошите игри сезонава, до моментот на прекинот поради пандемијата со коронавирусот, многумина мислеа дека престојот на Гризман во таборот на Барса ќе трае кратко, но така не сметаат луѓето задолжени да мислат за иднината на клубот. Французинот на „Камп Ноу“ дојде од Атлетико Мадрид за сума од 120 милиони евра, но засега не е ниту бледа сенка на играчот од времето кога настапуваше за „јорганџиите“.

И, додека Гризман ќе продолжи да игра во дресот на Барса, тоа не може да се каже за хрватскиот репрезентативец Иван Ракитиќ. Според истите извори, раководството на клубот наводно донело одлука за прекинување на соработката со Хрватот, за кого веднаш се заинтересирани екипите на Манчестер јунајтед и на Севилја.