Бундеслигата руши рекорди по приходи, а 28 од 36 клуба имаат – профит!

Германската Бундеслига запишала рекордни преку четири милијарди евра приходи за минатата сезона 2018/19 и тоа е за 5,4 отсто повеќе од сезоната претходно, што ја остварила германската елита од 18 клубови, а „Цвајта“ (втора лига) имала приходи од 788,2 милиони евра и раст од 28,5 отсто.

Според последниот извештај, германските клубови само покажуваат колку фудбалот во земјата може да биде профитабилен, зашто дури 28 клуба од 36-те професионални во двете лиги прикажале профит на крајот на сезоната, што не е случај во другите врвни лиги. Сето ова е доказ дека Германија е вистински пример како се работи во фудбалот, а тој освен добри резултати, да носи и добри финансиски извештаи.

„Изминативе години работевме германскиот фудбал да се развие во високо професионален и исклучително финансиски успешен економски сектор и сега овие параметри се доказ за тоа. Двете Бундеслиги го покажаа тоа затоа што се солидно стабилни, а постои простор за уште поголем напредок и развој најмногу со новите технолошки и дигитални иновации, како и меѓународниот пазар“, вели Кристијан Сајверт, извршниот шеф на Бундеслигата.

Сериозен ефект од германскиот фудбал има и самата држава, зашто само на даноци се платени 1,4 милијарди евра, а во последната деценија буџетот на најсилната европска земја бил десет милијарди евра. Плус фудбалскиот сектор вработува 56.081 лице и зголемувањето на вработеноста во фудбалот за една деценија пораснал за 50 отсто.

Инаку кога станува збор за профитот, само осум клуба не пријавиле профит од 36, а генерално гледано профитот изнесувал 1,8 милијарди евра за Бундеслигата, а 174 милиони евра за „Цвајта“, што се феноменални резултати, но за дисциплинираните Германци бројки кои задоволуваат, но во иднина очекуваат уште повеќе.

Во Бундеслигата, во просек се продаваат по 42.738 билети од меч, а само во „Цвајта“ растот е до скоро 19.000 по меч (18.980), па после приходите од ТВ-права, продажбата на влезници е втор најголем генератор на приходи кај клубовите.