Буфон: Догодина се враќам во средно школо, 30 години родителите ме удавија да завршам!

Италијанската голманска легенда Џанлуиџи Буфон пред неколку дена потпиша нов едногодишен договор и ќе остане дел од Јувентус и за новата сезона, а после таа конечно ќе замине во пензија откривајќи дека планира да го дозаврши средното школо за родителите да не му се качуваат на глава.

Буфон одговараше на прашања на навивачите, кои меѓу другото го прашуваа и што планира по следното лето.

„Морам пак да одам во школо. Морам да го завршам тој петти степен, зашто родителите ме гњават веќе 30 години и мислам дека ми е доста стресови на таа тема“, рече Буфон и ја изнасмеа целата јавност.

Буфон има 647 настапи во Калчото и е моментно рекордер заедно со Паоло Малдини, а следниот меч ќе го направи фудбалерот со најмногу настапи во историјата на Серија А. Буфон откри дека по заминување во пензија една година нема да има никаква допирна точка со фудбалот.

„Една година не сакам да мислам на фудбал, сакам да бидам само со семејството. Тоа ми е планот“, рекол Буфон.