Брегзит ја затвора вратата: Премиерлигата ќе стане уште понедостапна за Македонци!

Македонија во својата историја немала преголем број на фудбалери во најатрактивната лига на светот, англиската Премиерлига, ама откако Велика Британија со Брегзит реши да се отцепи од Европската унија (ЕУ), вратите уште повеќе се затвораат за наши фудбалери да бидат дел од фудбалот на Островот.

Поради Брегзит, Велика Британија воведе нови трансфер-правила кои стапуваат на сила од јануари, со кој многу повеќе се отежнува пристапот на македонски фудбалер во елитните клубови, па така трансфер на Дејан Илиев како младинец во Арсенал, уште неполнолетен, сега нема да биде можно.

Илиев од струмичка Беласица во 2013 година дојде во Арсенал, чиј член останува иако сезонава игра на заем во третолигашкиот Шрусбери, ама сега Велика Британија ги забранува сите трансфери до 18 години на големи потенцијали и таленти во земјата. Шанса за некој странец да се донесе има во делот до 21 година, кога фудбалерите би биле младински репрезентативци до 19 или 21 година, ама клубовите сега ќе мора да избираат ептен сув квалитет, зашто само тројца такви играчи би можеле да донесат во една сезона.

Дополнително е што бројот на странци во сезона за ангажман на еден тим се сведува на максимум шест, а во странци влегуваат сите не-Британци, а не како досега кога сите фудбалери од ЕУ се сметаа за домашни, а странците беа од земји кои не се членки на ЕУ како Македонија или од Јужна Америка, Африка, Азија и тоа ако немаат пасош добиен според потекло од некоја од европските велесили.

Но, за еден клуб да купи млад фудбалер, па и квалитетен во најзрели години, ќе мора прво да помине бодување кое е наметнато од државните власти, па така ќе се бодува сениорски и младински настапи, квалитетот на клубот од каде го купуваат засилувањето врз база на резултатите во домашното првенство, но и настапот во европските натпреварувања, како и колкава минутажа, каков учинок имал фудбалерот за својот тим.

Според ваквиот принцип, на пример македонскиот репрезентативец Енис Барди, за кого се појавија летоска информации дека Арсенал е заинтересиран да го купи, сега можно е да извиси за трансфер, не поради неквалитет или мала минутажа, туку поради послаби оценки што би ги добил дека игра во Леванте, клуб кој е на самото дно во шпанската Ла Лига. Плус е фактот дека ограничувањето на ангажман на шест странци, го сведува изборот на клубовите, од сите заинтересирани да го изберат најголемиот квалитет.

Во моментов дел од англиската Премиерлига е левиот репрезентативен бек Езџјан Алиоски, кој пред три години дојде од швајцарски Лугано во Лидс и сега според најавите до крајот на месецов би требало да потпише нов четиригодишен договор со клубот и да добие годишна милионска плата (30 илјади фунти неделно). Македонија од независноста наваму немала преголем број на фудбалери во Премиерлигата, за разлика од една Италија или Германија, па премиерлигашки фудбал играа Ѓорѓи Христов (Барнсли), Гоце Седлоски (Шефилд Венздеј), Горан Попов (ВБА), Артим Шаќири (ВБА), додека Величе Шумуликоски играше во Чемпионшип и тоа во Ипсвич и Престон, а Горан Станиќ играше во шкотски Рејт Роверс, Ливингстон, Сент Џонстон, Ист Фајв. Илиев никогаш не доби шанса да заигра во Премиерлигата, додека Алиоски веќе има над 100 настапи за Лидс.

Иако во Англија има сериозни критики од најголемите клубови на ова поради фактот дека клубовите би губеле милиони евра, како во случајот со Цеск Фабрегас, кого на 15 години го земаа од Барселона, поголем дел од јавноста се сложува со фактот дека на овој начин ќе се зајакне домашниот фудбал:

Вака повеќе шанси би добиле англиските надежи, па таленти како Џејдон Санчо, кои не добивале шанса поради напливот на странци, нема да избега во Борусија Дортмунд и сега било кој премиерлигаш ќе мора да даде 120 милиони евра за да го донесе или 12 пати повеќе од тоа што „милионерите“ дадоа за да го купат од Манчестер сити.