Борусија Дортмунд со играч помалку се извади од „бездната“ (ВИДЕО)

Борусија Дортмунд се наоѓаше пред првиот сезонски пораз во Бундеслигата на гостувањето кај Хофенхајм, но и покрај тоа што остана со играч помалку успеа да се избори за реми. 

Жоелинтон го доведе домашниот тим во водство од 1-0 во 44-тата минута од натпреварот. Се чинеше дека Дортмунд е пред пораз откако Абду Дијало заработи директен црвен картон во 76-тата минута. Сепак, така не мислеше и Кристијан Пулишиќ кој погоди во 84-тата минута за 1-1.

Попладнево во Бундеслигата беше интересно и на дуелот помеѓу Агзбург и Вердер на кој славеа гостите со 2-3. Тимот од Бремен најпрво поведе со 0-2, но домаќинот успеа да се врати и да израмни на 2-2. Победничкиот гол за гостите го постигна Дејви Класен.

Херта продолжува да импресионира сезонава и дојде до десетиот бод по четири одиграни кола. Тимот од Берлин денеска славеше со 4-2 против Борусија Менхенгладбах. 

На останатите средби, Фрајбург како гостин славеше со 3-1 кај Волфсбург, додека Нирнберг со 2-0 беше подобар од Хановер.